Џамбатиста Вико

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џамбатиста Вико
Портрет од Франческо Солимена
ПериодФилозофија на XVIII век
ПодрачјеИталијанска филозофија
Школахуманизам
Претежна дејност
историја, Естетика, Политика

Џамбатиста Вико или Џовани Батиста Вико (италијански: Giovan Battista / Giambattista Vico; 23 јуни 1668 Неапол, Италија) – 23 јануари 1744италијански филозоф. Се смета за основач на филозофијата на историјата како научна дисциплина и на психологијата на културата.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден во Неапол, Италија во семејство од татко-трговец со книги и мајка чиј татко правел кочии, Вико го започнал школувањето во повеќе школи, но кревкото здравје и незадоволството од Језуитската схоластика довеле до тоа тој да го продолжи школувањето дома. По нападот на тифус во 1960 г., Вико прифатил учителска позиција во Ватола, јужно од Салерно, каде работел 9 години. Во 1969 г. се оженил со пријателка од детството, Тереса Дестито и се запослил на катедрата за реторика при универзитетот во Неапол. За време на неговата кариера Вико се стремел но никогаш не постигнал да претседава на катедрата за правни науки. Во 1734 г. бил назначен за царски историограф од кралот на Неапол, Чарлс III и му била овозможена плата што сосема ја надминувала неговата дотогашна професорска плата. Вико ја задржал работната позиција при катедрата за реторика сè додека не бил приморан да се пензионира во 1741 г. поради лошата здравствена состојба во која се наоѓал.

Најпознати дела и нивно восприемање[уреди | уреди извор]

Џабатиста Вико е најпознат по својот “verum factum“ принцип, за првпат формулиран во 1710 г. како дел од неговото дело “De Italorum Sapientia“. Според овој принцип, вистината се проверува преку создавање и пронаоѓање, а не преку набљудување, како што рекол Декарт, па според Вико: ”Критериумот и правилото за вистинитото е тоа да е направено. Според тоа, нашата јасна идеја за умот не може да биде критериум за самиот ум, а уште помалку за другите вистини. Сè додека умот се перцепира себеси, тој самиот не се создава”. Овој критериум за вистината ја обликувал историјата на цивилизацијата во делото на Вико, “Scienza Nuova“ (Новата наука, 1725 г.) аргументирајќи дека граѓанскиот живот е сосема конструктивен, исто како математиката.

Потпирајќи се врз комплексна етимологија, Вико во своето дело “Scienza Nuova“ објаснува дека цивилизацијата се развива во повторувачки циклуси составени од 3 етапи: божествено, херојско и човечко. Секоја етапа е проследена со различни политички и општествени одлики и може да биде окарактеризирана со јазични стилски фигури. Таканаречените гиганти од божествената етапа зависат од метафората за компарација, па според тоа ги разбираат луѓето и природните појави. Во херојската етапа, метонимијата и синегдохата го поддржуваат развојот на феудалните или монархиските институции овозожени од идеализирани фигури. Последната етапа е окарактеризирана со популарна демократија и рефлексија преку иронијата; во оваа епоха, порастот на рационалноста води кон “barbarie della reflessione“ т.е. варварство од рефлексија, и цивилизацијата се спушта уште еднаш во поетската ера. Сè заедно, повторувачкиот циклус од 3-те етапи, кој е заеднички за сите нации, ја сочинува идеалната вечна историја или “storia ideale eterna“. Најпознатото дело на Вико било слабо прифатено во текот на неговиот живот но оттогаш има инспирирано повеќе познати мислители и уметници вклучувајќи ги Бенедето Кроче, Џемс Џојс, Бертранд Расел, Самjуел Бекет, Исаја Берлин, Ерих Ауербах, Нортроп Фрај, Харолд Блум, Едвард Сед, Маршал Меклуан, Томас Бери и Роберт Антон Вилсон.

Реторика и хуманизам[уреди | уреди извор]

Виковата верзија на реториката е резултат на неговите хуманистички и педагошки интереси. Во “De studiorum Ratione“, за првпат презентирана во 1708г, Вико објаснува дека секој оној што планира кариера во јавниот живот треба да научи да ја совладува “уметноста на темите“ и да ги брани и двете страни на контроверзноста, независно од тоа дали се говори за природата, човекот или политиката, изразувајќи се во еден послободен стил, за да научи да ги извлече оние аргументи што се најверојатни. Како царски професор по латинска елоквенција, задачата на Вико била да подготвува студенти за повисоки студии по право. Според ова, неговите лекции се концентрирале на справување со формалните аспекти од реторичкиот канон, вклучувајќи воспоставување на меѓусебно разбирање и дикција. Вико, со возобновувањето на античката мудрост, со истакнувањето на значајноста на граѓанскиот живот и со неговите професионални обврски е сместен во хуманистичката традиција. Како таков тој бил приморан да говори за привилегијата на разумот во она што тој го нарекол “геометриски метод“ на Декарт и Порт Ројал логичарите.

Одговор на методот на Декарт[уреди | уреди извор]

Вико се вратил од Ватола во Неапол за да ја најде „физиката на Декарт на највисокото ниво прочуена помеѓу високо етаблираните мислители“. Поради картезианизмот настанало забрзување на развојот во метафизиката и природните науки. Опсежно распространуван од Логиката Порт Ројал на Антоан Арнолд и Пјер Никол, Декартовиот метод бил вкоренет во верификацијата: единствениот пат до вистината, а со тоа и знаењето, е преку аксиомите добиени со набљудување. Декартовото инсистирање дека “јасното и неоспорното“ треба да формираат основа за донесување заклучоци има очигледно влијание врз надвладувачките погледи на логиката и дискусијата. Студиите по реторика , всушност сите учења што се однесувале на граѓански дискусии и на подрачјето на веројатните вистини, се соочиле со презир. Хуманизмот и професионалните интереси на Вико предизвикале очигледен одговор што тој го развил во текот на неговите публикации: подрачјата на проверливата вистина и човечкиот интерес делат само незначително преклопување, а сепак разумот е подеднакво неопходен во обете сфери. Една од најраните и најјасните форми на овој аргумент може да се најде во делото “De Itlorum Sapientia” каде Вико објаснува дека да се примени геометрискиот метод во практичниот живот е исто како да се обидува да се полуди според правилата на разумот, да се обидува да се продолжи по една права линија помеѓу свиоците на животот, како врз човечкото дејствување никогаш да не влијаеле каприциозноста, наглоста, опортунизмот и случајноста. Слично на ова, да се подготви еден политички говор според правилата на геометрискиот метод е исто како да се лиши од какви било строги забелешки и да се изговара само досаден текст со аргументи. Погледот на Вико во ова дело, како и во неговите подоцнежни оставрувања не е дека методот на Декарт е безначаен, но дека неговата примена е невозможна во сферата на граѓанскиот живот. Наместо да го ограничи разумот со состав од проверливи аксиоми, Вико предлага (исто како и неговите предци- античките филозофи) дека привлечноста кон практичната мудрост мора да биде создадена, исто како и кон различните копоненти на убедувањето што ја сочинуваат реториката. Вико го користел овој аргумент доследно во сите негови дела и како централен принцип во “Scienza Nuova”.

Реторика во “Scienza Nuova”[уреди | уреди извор]

Во 1720 г, Вико започнал да работи на делото “Scienza Nuova“ – неговото самопрогласено ремек-дело, како дел од расправа за универзалното право. Иако првичниот договор бил изадавањето да го финансира кардинал Корсини (идниот папа Климент XII), Вико бил приморан сам да го финансира објавувањето откако кардиналот објавил финансиска криза и го повлекол своето патронство. Првото издание на “Новата наука“ се појавило во 1725 г., а втората, преработена верзија била издадена во 1730 г. Ниту една од верзиите не била добро прифатена во текот на животот на Вико. Хуманизмот на Вико, неговиот интерес за класичната реторика и филологија, и неговиот одговор на Декарт придонесуваат за филозофските темели за втората “Scienza Nuova”. Преку детална латинска етимологија, Вико ги утврдува истакнатите одлики на првите луѓе и колку рано цивилизацијата развила колективна свест.