Библиотекарство

Од Википедија — слободната енциклопедија

Библиотекарство — наука за обработка и давање на користење на информативни ресурси. Воедно е и севкупната дејност на библиотеките и библиотечните работници [1].

„Библиотекарството е збир на сознанија и знаења за принципите на селекција, набавка, организација и користење на печатените информации, во согласност со информациските барања и потребите на одредена група корисници“. [2].

Библиотека - поим и дефиниција[уреди | уреди извор]

Поимот Библиотека доаѓа од грчкиот збор bibliotheke што значи збирка книги. Меѓутоа, низ историскиот развој на библиотеките и библиотечната дејност, особено со нејзиното институционализирање, доаѓа до измени и дополнувања на оваа дефиниција . И покрај тоа што денес може да се сретнат повеќе дефиниции за поимот библиотека, заедничко за сите нив е дека библиотеката е институција што собира, стручно обработува, чува и дава на користење библиотечен материјал.

За надминување на разликите во толкувањето и дефинирањето на поимот библиотека, UNESCO има донесено единствена дефиниција што е прифатена во голем број држави во светот. Според оваа дефиниција, под библиотека се подразбира работна организација што обезбедува трајно и организирано комплетирање на библиотечни фондови, нивна стручна обработка и откривање на нивните содржини, со цел за пренесување информации и задоволување на потребите на образованието, науката и научно-истражувачката работа, културата и другите сфери на општественото живеење.

Основни функции на библиотеката се:

·        планско комплетирање и одржување библиотечна граѓа;

·        обработка според прифатени правила и стандарди;

·        чување со примена на соодветни заштитни мерки,

·        информативна дејност,

·        достапност до фондовите и др.

Според карактерот на фондовите, начинот на обработката и видот на корисниците, библиотеките може да бидат:

·        научни (национални и универзитетски),

·        народни,

·        специјализирани,

·        високошколски

·        и училишни.

Задачите и функциите на национална библиотека на Република Македонија ги остварува Националната и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Историски развој на библиотеките во светот и во Македонија[уреди | уреди извор]

Библиотеките во почетокот на новата ера[уреди | уреди извор]

Формирањето библиотеки на западните простори е тесно поврзано со периодот кога почнува замената на пергаментот со папирусот. Имено, во периодот од III-V век од новата ера, со примената на папирусот значајно се олеснува создавањето на книгата. Меѓутоа, со распаѓањето на Римското царство, доаѓа до општа декаденција и културна криза. Јавните и личните библиотеки се затвораат, а се отвораат библиотеки во црквите и во манастирите. За време на големата преселба на народите од IV-IX век од новата ера, уништени се многу културни текови. Во тешки времиња за културата не се поштедени ни библиотеките.

Библиотеките во среден век[уреди | уреди извор]

Во средниот век повторно имаме обнова на културниот живот. Од IX-XIII век од н.е. се случуваат низа значајни општествени, политички и културни настани. Општествено-економските услови ја наложуваат потребата од што поголем број писмени луѓе, односно доаѓа до ширење на писменоста. Се отвораат училишта, факултети и универзитети. Меѓу попознатите ќе ги одбележиме универзитетите во Париз, Оксфорд, Кембриџ, Прага, Краков, Виена, Хајделберг, Климентовиот универзитет во Охрид и др. При овие образовни институции се отвораат библиотеки за потребите на студентите и наставниот кадар. Овие библиотеки се разликуваат од манастирските и од црковните библиотеки пред сè во однос на содржините на книжните фондови.

Ако направиме споредба помеѓу универзитетските и црковните - манастирските библиотеки, ќе забележиме значаен чекор напред во целокупното работење кај првите. Но и покрај тоа, универзитетските библиотеки се мошне далеку зад библиотеките од стариот век, кои имале јавен карактер и за нивната целокупна дејност се грижела државната власт. Вакви библиотеки човештвото ќе воведе дури во новиот век, со појавата на хуманизмот и ренесансата (средина на XIV и почеток на XVI век)

Библиотеките по појавата на печатената книга во XV век[уреди | уреди извор]

Значајна улога во развојот на библиотеките одигрува и појавата на печатената книга. Љубовта кон неа добива невидени размери. Се формираат приватни збирки на книги, а се отвораат и првите јавни библиотеки. Периодот од XVIII, XIX и XX век го карактеризираат значајни општествени промени. Во овој период е изведена и Француската револуција, за која може да се каже дека од темел го разниша човештвото, како на политички така и на образовен и културен план. Создавањето услови за развој на образовни и научни институции придонесува за побрз развој на научната мисла, која од своја страна изврши силно влијание врз забрзувањето на чекорите на општествениот развој. Овие состојби позитивно се одразуваат и врз развојот на разните видови библиотеки и на библиотечната дејност воопшто. Според категоризацијата на УНЕСКО, дефинирани се главно следниве видови библиотеки: национални, општонаучни, народни, високошколски, специјализирани и училишни.

Појава и развој на библиотеките во Македонија[уреди | уреди извор]

Појавата и развојот на библиотекарството на почвата на Македонија се тесно поврзани со епохалното дело на солунските браќа Кирил и Методиј. Тие на словенскиот род му ги дадоа првата писменост и првите книги а со тоа ги најавија и почетоците на библиотекарското дело на овие простори. Првите богослужбени книги, кои ги превеле од грчки на словенски јазик, истовремено ги претставуваат првите словенски книги во книжевните фондови на црковните и на манастирските библиотеки. Најистакнат продолжувач на нивното дело е нивниот најистакнат ученик Климент Охридски. Тој по смртта на Кирил и Методиј (Кирил умрел во 869 г. во Рим, а Методиј во Моравија во 885 година) развил богата културно-просветна и книжевна дејност во Македонија. За Климент Охридски може да се каже дека е првиот народен учител и основоположник на библиотекарското дело во Македонија.

Манастирските библиотеки во Македонија[уреди | уреди извор]

Како прва и најстара манастирска библиотека во Македонија се споменува библиотеката во Климентовиот манастир „Св.Пантелејмон“ во Охрид. За манастирските библиотеки во Македонија поконкретни податоци имаме од средината на 19 век па наваму. Имено, овие манастири биле посетени од преродбенскиот учител, писател и новинар Јордан Хаџи Константинов - Џинот. Тој кажува дека во манастирот „Св.Климент“ имало многу книги “една полна соба“. Освен во охридскиот крај, со богати манастирски библиотеки располагале и манастирите од другите краишта на Македонија. Меѓу позначајните ќе ги одбележиме: манастирската библиотека во Лесновскиот манастир, која е меѓу првите формирани и која во текот на повеќевековното постоење прераснала во голем книжевен центар; манастирската библиотека при манастирот „Св. Пантелејмон“ во скопското село Нерези; библиотеката при Марковиот манастир „Св.Димитрија“ во околината на Скопје, библиотеката при манастирот во Трескавец “Св.Богородица“ - Прилепско, библиотеката при манастирот „Св. Јован Претеча“ - Слепче, библиотеката при Бигорскиот манастир “Св.Јован“, библиотеката при манастирот „Св.Прохор Пчински“ и др.

Библиотекарството во Македонија во 19 век[уреди | уреди извор]

Првата македонска печатена книга[уреди | уреди извор]

За првите печатени книги во Македонија во 19 век најзаслужни се македонските трговци, занаетчии и интелектуалци. Печатењето на првите македонски книги почнува во 1814 година. Во таа година е отпечатена книгата “Слово исказаное заради умирание“ од првиот македонски претставник на новата македонска книжевна генерација Јоаким Крчовски. Книгата е отпечатена во Будимската универзитетска печатница.

Првата македонска печатница[уреди | уреди извор]

Во 1838 година во Солун, Теодосиј Синаитски ја отвора првата македонска печатница. Оваа печатница работела само 4-5 години. Во неа се испечатени 5 книги на македонски јазик и разни други материјали, како огласи и сл. Првата книга печатена во оваа печатница е книгата “Началное учение со молитви утрение“ од Анатолиј Зографски. Книгата претставува еден вид буквар за почетно учење.  Печатницата на Теодосиј Синаитски одигра значајна улога во македонската преродба од 19. век.

Првото македонско световно училиште

Во 1837 година македонскиот преродбеник, учител и писател Јордан Хаџи Константинов - Џинот го отворил првото световно училиште на македонски јазик во Велес. Во средината на 19. век Џинот отвора вакви училишта во Скопје и во Тетово. Во втората половина на 19. век се отвораат училишта речиси во сите поголеми населени места во Македонија. Македонските книги претставувале основен книжен фонд во библиотеките при овие училишта. Тие биле најбарани и најчитани како од учениците, така и од широките народни маси бидејќи се напишани на мајчин разбирлив јазик за македонскиот човек.

Првите приватни библиотеки во Македонија во 19 век[уреди | уреди извор]

Со развојот на граѓанската класа и на културно-просветниот живот во Македонија во средината на 19 век, повидните граѓани и културно-просветни дејци формираат свои приватни библиотеки. Така, позната е приватната библиотека на истакнатиот кројачки занаетчија Ѓорѓи Бодлев. Покрај другите книги, во оваа библиотека имало учебници по алгебра, историја, речници, ракописи и старопечатени книги.

Секако највидно место меѓу овие приватни библиотеки зазема библиотеката на истакнатото охридско семејство Робеви. За збогатувањето на книжниот фонд на оваа библиотека голема заслуга има Константин Робев (1818-1900), кој студирал медицина во Атина и Виена. Се претпоставува дека тој е и првиот интелектуалец во Македонија во 19 век. Сопствени библиотеки поседувале и охридските писатели и учители од 19 век, Григор Прличев, Кузман Шапкарев и Јанаки Стрезов. Исто така познати се приватните библиотеки на скопскиот трговец Константин Икономов и на игуменот на Лешочкиот манастир Кирил Пејчиновиќ.

Најзначајна приватна библиотека во 19 век, која е зачувана до денес е библиотеката на велешкиот учител Јордан Хаџи Константинов - Џинот.

Првите македонски читалишта[уреди | уреди извор]

Првите читалишта во Македонија се појавуваат во средината на 19 век како резултат на созреаните економски, политички и културнопросветни услови. Овие читалишта како организирани културнопросветни институции во почетокот работеле во мошне тешки просторни, финансиски и други услови. Тие најчесто биле сместени во една соба од приватна куќа или дуќан, а во некои места биле сместени во училиштата. Тие биле масовно посетувани затоа што биле единствени места каде што широките народни маси можеле да прочитаат весници и книги. За управители на овие читалишта се избирале видни граѓани од редовите на интелегенцијата, трговијата и еснафот. Вакви читалишта биле отворени во Скопје, Битола, Велес, Солун, Штип, Прилеп, Крива Паланка, Кукуш, Охрид, Ново Село и др. Читалиштето во Битола во весникот “Зорница“ од 25.4.1881 година апелира до населението за отворање народна библиотека на Македонија. Ова е една од првите иницијативи за отворање народни библиотеки во Македонија. Иницијативата за формирање народна библиотека е резултат на нараснатите потреби за образование на широките народни маси.

Првите училишни библиотеки[уреди | уреди извор]

Значајна улога во развојниот континуитет на библиотекарството во Македонија одиграле училишните библиотеки. Тие претставуваат една преодна фаза во прераснувањето на првите читалишта во народни библиотеки. Во деведесеттите години на 19 век речиси во сите поголеми места во Македонија се отворени училишта. Повеќето од училиштата располагале со училишни библиотеки во кои имало книги за учителите и учениците. Книжните фондови главно се збогатувале од донации на црковните општини, зашто постои пишана документација.

Првите иницијативи за формирање околиски библиотеки во Македонија[уреди | уреди извор]

Во деведесеттите години од 19 век во Македонија се актуелизира прашањето за формирање околиски библиотеки. Во тогашниот дневен печат биле објавувани статии во кои се укажувало на потребата од формирање околиски библиотеки. За одбележување е статијата на Ст. П. Иванов од Кочани објавена во весникот “Новини“ бр.61 од 30 април 1896 година, во која се вели: Причината за отворање околиски библиотеки е во тоа што сиромаштијата не дозволува на секој од нас да си има своја приватна библиотека. Таа причина не тера да бараме спас во здружувањето...! Оваа идеја наишла на широк одѕив кај учителите и другата интелегенција. Така почнува период на отворање околиски библиотеки. Ст. Иванов во една друга своја статија од тој период под наслов “Околиски библиотеки“ го пишува следново: “Душевно се радував кога прочитав за создавањето на околиски библиотеки во некој град“.

Нема прецизни податоци за тоа каде се формирани првите околиски библиотеки во Македонија.

Првата универзитетска - факултетска библиотека во Македонија Со формирањето на Филозофскиот факултет во Скопје во 1920 година се поставило прашањето за отворање факултетска библиотека. Така уште првата година овој фонд броел 10.500 наслови книги во околу 35.000 примероци. Библиотеката располагала со 4 простории, од кои две за сместување на книгите, а две служеле како читални. Во прво време таа била наменета само за професорите и студентите, а подоцна, во 1921 година, била отворена и за пошироката јавност. Така универзитетската библиотека станала прва јавна библиотека во Скопје по Првата светска војна. Овде треба да се нагласи дека библиотеката својата дејност ја остварува според упатства за работа што важеле за режимот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), во чии рамки била тогашна Македонија. Библиотечниот фонд на оваа библиотека во 1944 година ќе претставува иницијален библиотечен фонд за формирање на Народната библиотека на Македонија, денес Нaционална и универзитетска библиотека “Св.Климент Охридски“ во Скопје. (НУБ Св. Климент Охридски“)

Првите јавни (народни) библиотеки и читални во периодот од 1920 до почетокот на Втората светска војна во 1939 година

Во овој период Македонија била под Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС). Поради тоа, народните библиотеки што се формирале во Македонија имале режимски карактер. Овие библиотеки се формирале и работеле според упатствата за работа на народните библиотеки што важеле за Кралството СХС. Меѓутоа, вакви библиотеки на територијата на Македонија не се многу отворени бидејќи населението многу повеќе е свртено кон народните домови што ги отвораат Комунистичката партија и синдикатот. Прва ваква граѓанска читална се отвора во Скопје во 1920 година. Граѓанска активност има развиено и во Битола, која се залага за отворање јавна читална. Меѓутоа, режимот на Кралството СХС го продолжува отворањето народни библиотеки. Во периодот од 1921 до 1928 година во Македонија се отворени 82 народни библиотеки и тоа: во Скопската област 48, во Брегалничката 8 и во Битолската 26. По ослободувањето на Македонија во 1944 година, дел од фондовите на овие библиотеки ќе претставуваат иницијален книжен фонд за идните народни библиотеки во слободна Македонија.


Народните библиотеки во Македонија по Втората светска војна[уреди | уреди извор]

Почетоците на современата македонска држава во 1944 година истовремено се почетоци на современиот културно-образовен и стручнонаучен развој на државата. Во 1945 година е донесена е “Програма“ со која и практично се удираат темелите на организираниот пристап на македонската држава за формирање библиотеки. Во овие првични документи народните библиотеки се дефинирани како градски и селски библиотеки. Во првата група се вбројуваат библиотеките во поголемите населени места: централна регионална библиотека или читалиште; реонска библиотека и други библиотеки-читалишта; а во втората група се читалиштата во селските населби. Во 1945 година се евидентирани 82 народни библиотеки (во градски и во селски населби) со вкупно 230.000 примероци книги.

Денес во Република Македонија дејствуваат 32 народни библиотеки. Тие располагаат со библиотечен фонд од приближно 3.000.000 библиотечни примероци. За стручниот развој на овие библиотеки се грижи Централната матична библиотека НУБ “Св. Климент Охридски“ во Скопје. Денес народните библиотеки се организирани во автоматизиран библиотечно-информативен систем како дел од информативниот систем на државата и играат значајна улога во развојот на современото информативно општество.

Наводи[уреди | уреди извор]