Бугарски централен акционен комитет

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пропагандна слика, направена најверојатно во Софија, за време на операцијата на силите на Оската врз Југославија во април 1941 година.[1]

Бугарскиот централен акционен комитет е раководно тело на асоцијацијата Бугарските акциони комитети кое било формирано на територијата на Вардарска Македонија. Целта на комитетот е да им помогне на новите бугарски власти полесно да ја воспостават контролата над штотуку окупираниот дел на Македонија.[2]

Формирање на комитетот[уреди | уреди извор]

Вардарска Македонија во рамките на географскиот регион Македонија

Бугарскиот централен акционен комитет е формиран на 6 април 1941 година, а неговото седиште се наоѓало во Скопје.[2] Негов претседател бил адвокатот Стефан Стефанов, а за секретар бил назначен Васил Хаџи-Кимов. Комитетот бил под покровителство на бугарската држава и бил создаден од страна на дел од македонската интелигенција која била вдаховена од бугарската идеја.[2] Комитетот пред германските воени власти себеси се претставувал како единствен правен субјект сè до доаѓањето на новата бугарската власт. По Априлската војна на територијата на Вардарска Македонија се формираат останатите јадра на асоцијацијата кои се познати како Бугарски акциони комитети, составени од еден дел на македонското население кое било задоено од вековната бугарска пропаганда[2] и група на бугарски граѓани со македонско потекло[2] кои по окупацијата пристигнале во овој дел на Македонија. Официјално Комитетот започнал да егзистира по доаѓањето на бугарските власти на 13 април 1941 година.[3] Еден дел од историчарите истакнуваат дека некој од македонските национални дејци како што се Панко Брашнаров, Страхил Гигов и Методија Шаторов - Шарло гледале со симпатии кон овие комитети.[4]

Цел на комитетот[уреди | уреди извор]

Комитетот бил формиран во деновите кога започнала Априлската војна и кога веќе било евидентно дека во Македонија ќе се воспостави нова бугарска власт.[2] Комитетот имал две задачи, најпрво, да се созададат услови за доаѓањето на бугарските власти и војската во овој дел на Македонија и организирање на населението за свечен пречек на бугарските сили.[5][6][7] Притоа комитетот успеал да привлече дел од македонското население кое одамна било задоено од бугарската пропаганда[2][8][9][10] Тој ja прифатил бугарската воjска како ослободителка од српскиот гнет,[11][12][13] меѓутоа комитетот се послужил и со старите пропагандни средстава како што биле паричните и другите надоместоци за лицата кој учествувале во пречекот на бугарската администрација.[2] Со организирањето на населението за пречек на бугарските административни власти, требало пред светот да се покаже дека Бугарија, ослободила дел од својата територија и дека ја има поддршката на неселението на ново-анектираната територија, односно

главна цел на БЦАК е да ја оправада бугарската окупација на Вардарска Македонија.[2]

Втората задача која е поврзана со првата, а тоа е ширење на бугарскиот национален дух меѓу Македонците, односно создвање на услови за трајна анексија на овој дел од Македонија и зацврстување на бугарската власт. Во тој дух Комитетот издавал и свој весник Македонија за ширење на своите пропагандни идеи.

Распуштање[уреди | уреди извор]

Странски пропаганди во Македонија
Поделба на Македонија по Букурешкиот договор.

На 7 јули 1941 година новата бугарска власт издала наредба за распуштање на Комитетот и еден дел од членовите на комитетот влегле во новата бугарска администрација. Меѓу историчарите постојат две гледишта за причините за растурање на комитетот. Според првото гледиште, комитетот е распуштен бидејќи бугарските власти немале повеќе потреба од него бидејќи успешно ја воспоставиле својата власт во овој дел на Македонија.[2] Според второто гледиште, причина за распуштање е составот на Бугарските акциони комитети, односно неговите членови. Најголемиот дел од членовите на овие комитети биле поранешни дејци на ВМРО (Автономистичка), ВМРО (Обединета) и ММТРО кои се залагале за самостојана македонска држава. И затоа не треба да зачудува фактот што меѓу овие дејциии како симпатизери се јавуваат и Панко Брашнаров и Страхил Гигов, имено бугарската влада плашејќи се да не и излезе од контрола БЦАК решава да го распушти само неколку месеци по неговото формирање.[14]

Бугарската историографија и БЦАК[уреди | уреди извор]

БЦАК бугарската историографија го третира како асоцијација на Бугарите во Вардарска Македонија кои биле против српската власт и преку неговата дејност сакаат да укажат дека населението во овој дел на Македонија ја посакувал бугарската власт и не ја чувствувал како туѓа, и тоа преку свечените пречекувања на бугарската армија и администрација во режија на БЦАК. Притоа се укажува на врски на неколку македонски дејци како симпатизери на бугарштината,[15] иако Шарло го истакнува токму спротивното.[16][17]

Извори и белешки[уреди | уреди извор]

  1. Bulgaria During the Second World War, Author Marshall Lee Miller, Publisher Stanford University Press, 1975, ISBN 0804708703, стр. 123.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 Ѓорѓи Малковски, „Профашистичките и колаборационистичките организации и групи во Македонија 1941 - 1944“, Скопје, 1995.
  3. „Историја на македонскиот народ“, Скопје, 1988, с. 257, 261. Апостолов, Александар. „Колонизацијата на Македонија во стара Југославија“, Скопје, "Мисла", с. 205.
  4. „Зборник докумената и података о народоослободплачком рату југословенских народа“, т. VII, кн. 1, Борбе у Македонији. Београд, 1952, с. 22.
  5. Bulgarian Campaign Committees in Macedonia - 1941 Dimitre Mičev
  6. Македония 1941 Възкресение (Macedonia 1941 Resurrection), Сотир Нанев (Sotir Nanev), Sofia 1942, reprinted Sofia 1993, p. 15
  7. Between Past and Future: Civil-Military Relations in Post-Communist Balkan States by Biljana Vankovska, 2003, ISBN 1-86064-624-7, page 270.
  8. Yugoslavism: histories of a failed idea, 1918-1992, Автор Dejan Djokić, Издател C. Hurst & Co. Publishers, 2003, ISBN 1-85065-663-0, стр. 119.
  9. The struggle for Greece, 1941-1949, Автор Christopher Montague Woodhouse, Издавашство C. Hurst & Co. Publishers, 2002, ISBN 1-85065-492-1, стр. 67
  10. Mediterranean politics, Volume 1, Author Richard Gillespie, Publisher Fairleigh Dickinson University Press, 1994, ISBN 0-8386-3609-8, стр. 90.
  11. Who are the Macedonians? , Автор Hugh Poulton, Издавашство C. Hurst & Co. Publishers, 1995, ISBN 1-85065-238-4, стр. 101.
  12. Eastern Europe: politics, culture, and society since 1939, Автор Sabrina P. Ramet, Издател Indiana University Press, 1998, ISBN 0-253-21256-1, стр. 160.
  13. The Macedonian Question: Britain and the Southern Balkans 1939-1949 Oxford historical monographs, Автор Dimitris Livanios, Издател Oxford University Press US, 2008 ISBN 0-19-923768-9, стр. 179.
  14. Политичките партии и организации во Македонија во Втората светска војна 1941 - 1944, Скопје, 2002.
  15. Minchev, Dimitre. Bulgarian Campaign Committees in Macedonia - 1941 (Минчев, Димитър. Българските акционни комитети в Македония - 1941, София 1995, с. 28, 96-97)
  16. Во своето „писмо до Стојана“ (произволно измислено име) од мај 1941 година Шарло, потпишан со псевдонимот Митре, ја презентира својата национално-политичка „дисертација“ по актуелните политичко-воени проблеми, отсликувајќи ги погледите за актуелната политичка ситуација во окупирана Македонија и пошироко: „Како резултат на војната и наша Македонија е окупирана од германски, италијански и од бугарски војски“. Со тоа Шарло недвосмислено го дефинира бугарскиот окупатор на Македонија. Понатаму: „Македонците се борат за своја национална и политичка слобода!... Каква ли е оваа слобода, штом Шумадинците се заменети со Бугари...? Се што е наше ни се претставуе како да е бугарско“... Каде тука се гледа бугарштината? За бугарските комитети што окупаторот ги формира низ Македонија во април 1941 година Шарло, во писмото „До Стојана“, ќе рече: „Комитетите беа и се база на окупаторот“. Во прогласот на Шарловиот ПК од крајот на јуни 1941 година, покрај другото, пишува: „Бугарите во Македонија не дошле да и донесат слобода на Македонија, туку да ја ограбат и повторно да ја поробат!“ Прогласите на ПК, „Стариот Бугарин“ - Шаторов ги завршуваше со јасно обоени политичко-национални борбени пароли, меѓу кои и: „Да живеј слободна Македонија!“ или „Да живеј слободна советска Македонија!“, а во потпис редовно стоеше: „ПК на Работничка партија во Македонија“.
  17. Шарло Архивирано на 27 септември 2007 г.