Википедија:Песок

Од Википедија — слободната енциклопедија

БИОГРАФИЈА ЗА АВТОРОТ

ЃОРГИ ЃОРГИЕВСКИ, Ѓе.Ѓе., е роден на 3 мај 1939 година во село Подмочани, Преспа. Овој благороден и неповторлив Човек и Преспанска легенда, роден е во семејство на Зорка и Лазар, потомок е надалеку познати револуционери, татко му Лазар и дедо му Ѓоргија Парго од Претор се истакнале со своите историски дела. Но, и неговата баба, Мајката на Лазар, Санта е потомок од револуционерно семејство, сојот Белевци, од каде е и единствениот илинденец од Подмочани Насте Димовски Белевски. Ова семејство подоцна ќе го даде и единствениот делегат од селото во АСНОМ, учителот Ѓорѓи Ивановски. Сојот Парго со векови наназад е влезен во битни историски архиви како борци за своите права и бестрашни побуна против османлиските тирани. Но, поради богатата револуционерна историја во семејството во одредени периоди кога системот бил посуров, и Ѓорги Ѓоргиевски бил дискретно репресиран и дискриминиран од злогласни структури, на кои тој воопшто не ѝм се спротивставуваал а и никогаш не зборувал за тоа, но прозборувале неговите другари кои на неговите најблиски им ја откриле вистината.

Основното образование го почнал во родното село, но откако училиштето се затворило, продолжил да оди во Царев Двор, со својот другар Владе Шарковски, секој ден и по студ и по невреме преку Езерени, пешки по десеттина километри кон Царев Двор и назад. Се истакнал со бистрина и највисоки оценки поради што редовно и бил пофалуван од наставниците и од директорот на училиштето Ѓорги Прцуловски, кој понатаму го смета за свој животен пријател и често се потсетува и раскажува за него и ја истакнува неговата менторска улога. Детството го поминал и на училиште и на нива, биле тоа години кога во помагање на семејството биле вклучени и тој и помалите сестри Златка и Лепа. Братот Панде го загубил кога било бебе од една година. Средно училиште тргнал да учи во Битола, но по две недели поминати таму го предомислил неговиот татко Лазар, за да биде поблиску до него, тој тогаш работел во "Гранит" како надгледувач на изградба на патот Ресен - Охрид. Се запишал во гимназијата "Свети Климент Охридски", се сместил во интернат. Во тоа време ги запознава другарите Иван Голабоски, Јане Ангеловски, Наум Бурназ, Николина Котушевска, Лазар Петковски, Елена Петровска, Васил Костојчиновски, Ѓорги Чинго, Нијази Лиманоски, за кои секогаш зборува со радост... Таму, му остава впечаток хуманиот гест на професорката Зердевска, таа на послабо ситуираните ученици ѝм давала пари од својата плата. Станува активист во Црвениот крст, и со насмевка и носталгија се присетува дека во првата новогодишна акција на делење храна во Охрид, тие, волонтерите за прв пат виделе портокали. Поради својата неповторлива питомост, кроткост и добрата волја кон луѓето бил мошне омилен. Професорите на гимназијата долго ја раскажувале случката со неговото матурирање. За тема го одбрал творештвото на Кочо Рацин. Ја изнесол својата тема со одлично знаење. Кога го прашале дали можеби знае некоја од песните, тој ги изрецитирал наизуст сите до една. Одушевени и вчудоневидени, професорите специјално организирале приредба со влезници, на која биле поканети и видни охриѓани, а пред нив и пред публиката Ѓорги наизуст го рецитирал сето творештво на Рацин. Напамет научува преку 300 песни и стихотворби од сите значајни македонски поети, и од најпознатите од српската, црногорската и руската литература, на овие јазици кој исто така ги владел.

Следуваат војничките денови во Генералштабот на ЈНА во Белград, и во Белиот дворец, како еден од ретките Македонци кои стапнале таму. Бил ангажиран во весникот "Војник". Средбите со генералите му биле секојдневие, ги памети и трите големи свечени вечери со нив, на кои присуствувал и претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито, со кој имале и средби во дворот, а Тито особено знаел да ѝм обрне внимание на војниците кога играле фудбал во дворот. Раскажува за незаборавниот момент кога адмиралот Мате Јерковиќ по еден новогодишен дочек излегол на улица и на сите улични продавачи и поскромни минувачи пред Генералштабот ѝм купил и подарил пакетчиња со храна и ѝм ја честитал Новата година, што оставило силен впечаток кај Ѓорги. Дека и во војска бил омилен се потврдува со гестот на готвачот кој секогаш во неговата чинија ставал по две плескавици и ги покривал другите да не ги видат, ја обележувал чинијата и му ја поддавал со притаена насмевка. Во првите месеци ѝм варел кафе на генералите. И за секое кафе ставал цртка, така се запишувало тогаш. За сето тоа време некој го следел, без Ѓорги да го види тоа. На крај на војничката обврска генералот му честитал на чесноста, велејќи му: "Чесен војнику, ти честитам, ти не само што точно си запишал сѐ, туку и ниедно кафе за себе не си сварил!"

За време на тие денови развива уште поголема љубов кон неговата голема пасија, фудбалот, оди на стадион да посетува натпревари, имал и месечен билет, навивал за "Партизан", а посетувал и концерти. Понатаму, бил и одличен фудбалер во Преспа, на еден натпревар дал дури 18 голови. Преспани, особено Подмочанци, Љупче и Кечуловски, К'це Рочко, Мите и Кире Шарковски и и Трајан Илиевски, често се навраќаат на тие незаборавни фудбалски рекорди. На фудбалскиот клуб "Партизан" и официјално ѝм бил домаќин кога во осумдесеттите години на минатиот век дошле во Ресен. Навива и за "Вардар". Како млад дури има и понуди да игра за голем фудбалски клуб. Не ја прифаќа ни понудата да остане во Белград да продолжи како професионален новинар- уредник во "Војник", од љубов кон мајката Зорка (Султана) и таткото Лазар, за да ѝм биде од помош и да живее во семејството. Се запишува на Правниот факултет во Скопје, живее под кирија во скромни услови дури во ладна соба на Бит пазар до Куршумли ан, а исхраната му е среќен ритуал во обожаваната народна менза, а денес ексклузивен ресторан "Пелистер", каде тогаш се јадело од простум. Римско право положил со голем успех кај познатиот професор Иво Пухан, но еден момент од тоа полагање вечно ќе го памети (опишан е во расказ од неговата ќерка Валентина ).

По враќањето во Преспа станува новинар во "Битолски весник", во првата постава со уредникот Тоде Ѓорески. Набрзо станува и Претседател во Општински комитет на Сојуз на Социјалистичка младина на Македонија за Ресен, каде е избран во два мандати. Се вработил како новинар во Центарот за радио и печат- Радио Ресен, од каде оди да работи како дописник за "Нова Македонија", за да потоа како уредник повторно се врати во Радио Ресен. Бил дописник на "Вечер", "Нова зора", "Трудбеник", списанието за земјоделците "Народна задруга", "Трибина", "Комунист", списанието "Македонија" на Матица на иселениците, "Просветен работник", "Просвета", “Стопански весник”, “Млад борец”, понекогаш и “Екран”, бил уредник на “Делегатски информатор”, белградски "Спорт", а негов потпис краси и страница во познатата "Илустрована политика". Се пензионирал како секретар во Општинскиот синдикален совет за Ресен.

Додека ја работел новинарската професија следел сѐ што тогаш се случувало во бисерот, наречен Преспа. Срдечно го пречекал и турскиот премиер Булент Еџевит при доаѓањето во Ресен. И славните фудбалери од белградски "Партизан", исто така. Ја следел и пречекува секоја година Штафетата на младоста. Ги следел сите манифестации, познатата Керамичка колонија во Отешево, концерти, остварил средби со драгите Панче и Невена Кочовска и со "Мањифико", Никола Бадев, Јонче Христовски, Добри Ставревски, Блаже Конески, Ванчо Николески, па сѐ до "Бијело дугме", Кемал Монтено, Ален Славица, Неда Украден, "Нови фосили"... За битолскиот актер Бабецот се потсетува дека го запознал додека го поправал автомобилот на механичар во Битола каде дошол и Бабецот и раскажувал такви смешки што некој млад човек паднал на земја од смеење. Оттогаш станале пријатели со познатиот актер. За Милтон Манаки го врзуваат спомените на нивните муабетења кога заедно лежеле во битолска болница, каде славниот фотограф ги поминувал своите последни денови и заминал во вечноста.

Преспанските случувања биле негов целосен фах. Замрзнувањето на езерото го архивирал и со фотографии. Но, една случка и ден денес му буди спомен. Се случило во ноќта во мирното езеро со чамец да исчезнат две млади девојки, Холанѓанки. Мирното езеро одеднаш се разбранувало, тие скокнале и со пливање излегле на брегот, на две разни страни, едната кон Стење, другата кон Асамати. Се јавил во тогаш мошне познатата "Илустрована политика" да ги информира колегите за темата, а тие му рекле веднаш да напише и да ѝм ја каже својата сметка. Текст бил објавен со наслов "Ноч страха и ужаса на Преспанском језеру" ("Ноќ на стравот и ужасот на Преспанското езеро") а, неочекувано висок хонорар му бил исплатен веднаш за атрактивниот текст, со кој, со среќниот крај ги стоплил срцата на читателите од цела Југославија. Во "Нова Македонија" бил редовен дописник, одлична му била соработка со уредникот Панде Колемишевски, исто така по потекло од Ресен, и со главниот и одговорен уредник Георги Ајановски. Потоа од директорот на Радио Ресен, Зоран Димитриевски, добива покана да биде уредник на Радиото. Се истакнува со работата, а директорот, Димитриевски, со кого стануваат верни соработници, го предлага за најголемата награда, за која комисија во Белград дава позитивен одговор. Станува добитник на престижниот "Орден на трудот со Сребрен венец" од Претседателството на СФРЈ, кој се доделувал како одликување за високи заслуги, а истиот со церемонија му бил врачен од страна на градоначалникот Живко Евтимовски и тогаш младиот функционер во подем Димитар Бузлевски.

Хуманоста била негова најсилна страна. Не размислувал два пати кога преку тесен отвор од внатрешната страна влегол во запален стан во кој се наоѓало само дете, за да го спаси. Останал анонимен иако станарите во воената зграда во Ресен се распрашувале кој го направи тоа добро дело. На ниво на тогашната држава добитник е на највисока награда "Орден на трудот со Сребрен венец" од Претседателството на СФРЈ, а една исто така од најдрагите награди му е врачена од поранешниот ресенски градоначалник Крсте Секуловски, со кого негувале големо взаемно почитување, највисоко признание на град Ресен, општинската награда "11 септември". Општинскиот штаб за територијална одбрана му врачува признание за целокупната посветеност на градот и околината. Добива и низа други одличја, од работни организации и месни заедници од цела Преспа, од Сливничкиот манастир, две признанија од О.У. "Гоце Делчев"- Ресен, од Редакцијата на "Вечер", "Златна плакета" од преспанските иселениците во Австралија. За целокупниот новинарски придонес за иселениците во Сиднеј, како прв и единствен новинар кој пишува за нив во времето на масовните иселувања во седумдесеттите и осумдесеттите години, градоначалникот на Рокдаил Бил Саравиновски во 2013 година му испраќа признание, по неговиот близок пријател уште од младоста, познатиот музичар и радио водител Симеон Георгиевски, во чии познати радио емисии Ѓорги своевремено е чест гостин преку интернет. Во 2022 година на Преспанските средби на сретсело во Подмочани едногласно од Месната заедница добива благодарница , која му ја врачува претседателката професор д-р Јагода Барџеска Митревска.

Она што остави најсилен печат кај него се текстовите за иселениците. Печалбарскиот живот на иселениците е негова вечна тема. И ден денес најмногу ги сака средбите за муабет на сретсело во Подмочани, кога на лето покрај мештаните тука се и иселениците. Со нив се потсетува и на неговата преспанска слава како фудбалер. Толку го сакал фудбалот како млад што дури и омилениот братучед Калче Магдевски го носел на рачките на велосипед со себе, а тој како дете толку страсно навивал што скокал во сонот и извикувал извици за бодрење на Ѓорги. Исто така омилена тема за разговор со иселениците му е и родната земја. Македонија не ја напушти ни за момент. Пасошот му остана без ниеден печат, сѐ до 2022 година, кога по наговор на ќерката во месец мај за прв пат го посетува Солун, а потоа во јуними Меминген, Улм родниот град на Ајнштајн, Минхен и омилениот Штутгард, каде таму на лична покана се среќава со светски познатата млада новинарка Анџелика Круз Агилар, присуствува во првите редови на премиерата на нејзиниот филм "Вивас*, за кој таа потоа беше наградена и со медал за заслуги од претседателот на Мексико. Во таа пригода, дружејќи го Ѓорги во Штутгарт Анџелика заедно нејзиниот сопруг Џулијан, таа изрази желба да дојде и да снима документарен филм сметајќи дека е многу благодарение и податлив за прикажување на профилот на еден извонреден човек. Тој, како автор и ја подарува својата книга "Македонијо, гордост моја" ...

Музичката приказна е негово интересно поглавје. По распаѓањето на Југославија од Белград во Царев двор се враќа неговиот пријател, музичарот Кенан Таировски, кој тогаш бил мега ју - фолк ѕвезда, со четири милиони продадени копии од песни (плочи и касети). Кенан му понудил да напише текст за првиот "Серенада фест" во 1993 година, така се родила првата песна "Прва љубов". Од идејата да се опише преспанската убавина се создава "Дано Дано Данице", голем мегахит меѓу Преспанци и сите Македонци. Љубовта кон Македонија е лајт мотив за песната "Македонци братски да се сплотиме" која на дуетот Селимова - Желчески ѝм донесува тројна победа на фестивалот "Макан" во Торонто, од публика, од Матица на иселениците и од Македонското радио. Често знаеја да кажат дека таа песна ѝм ја возобновила нивната кариера меѓу нашите сонародници. Адријана Алачки, пак, ќе рече дека песната "Принцот мој" ја однел на првата нејзина турнеја во Австралија. Фудбалската химна "Сиднеј Македонија" се пее меѓу младите Македонци, навивачи во Сиднеј. Томислав Маниќ пак "Уште го помнам првото танго" ја сними на два јазици, македонски и српски, и вели дека е печат на завршницата на неговата богата музичка кариера. Најпознатата песна "Македонија ни е сѐ" ја напиша откако директорот на "Гоце фест" Пеце Здравковски предлага да се напише текст за Петранка Костадиновска. Песната се снима во студио на МРТВ, а жал истата вечер грлатата пејачка влегува во вечност, останува споменот и големиот патриотски хит. Хитови се редат, Ѓорги најголема поддршка добива од неговата сопруга Милица, давајќи му импулс и бодрејќи го со својот широк, слободарски, модерен дух, да создава уште хитови, кои ќе се пеат. Музичката приказна ја продолжува ќерката Валентина како новинар за музика во најпознатите дневни весници во Македонија но и во списанија во странство, во Европа и Австралија, додека синот Константин се определува да биде електро инженер. Во творечкиот наплив се раѓа и песна за "Крстот Преспански", а второнаградена од жири на фестивалот “Филиграни” е “Преспанските печалбари”. Песна посветува на својот драг помлад сосед Иштреф на Батовци- Иштреф Арслани од Подмочани кој живее во Чикаго, но и на мајсторот Абас Цановски од Струга... Песната "Марија" во изведба на Горан Симевски добива втора награда од жири на "Канео фест 2019". Истата година Симевски ја пее "Свадба, свадба" на "Филиграни", на текст на Ѓорги. Преспа за него е лајтмотив, не само што го опишал своето село Подмочани, го опишал и Грнчари, а и Болно на идеја на неговиот другар Дорче Таневски, со гласот на талентираниот Ташко Каранфиловски, а за стиховите за Љубојно на "Илинденските средби" од Бошко Рајчовски Пелистерски добива награда за поезија во 2013. Во поезијата има бројни награди. Со "Македонија како галија" освојува награда на литературниот конкурс "Бдеење на Кокински мугри 2017", за "Најлирска песна" на поетската манифестација "Сплоти се Македонијо 2020", е прогласена неговата поезија "Македонијо". Учествува и на поетската манифестација "Ванчо Николески" во Квинбијан, Австралија со печалбарска тематика. На манифестацијата "Сплоти се Македонијо 2022" добива награда "8 Септември". Македонско поетско катче го наградува со неговата песна за Денот на Здравствените лица. Книгата "Македонијо гордост моја" добива награда за поетска книга на годината во 2023 година, од Милица Паулус и Домот на културата "Крсте Мисирков", Свети Николе. Добитник е на Цветинова награда за Мир во 2021, и од Здружението на просветни работници на Град Скопје и Претседателката Катерина Митковска во 2022 година .

Ѓорги Ѓоргиевски, откако се пензионира се преселува во Скопје, посветен на прекрасните најсакани внуци Лука и Мила. Во Скопје остварува средби со драги соработници, и посетува културни и музички настани. Соработува и со Првата детска амбасада во светот "Меѓаши". Летото господово 2020 уметникот од светски ков Живко Поповски - Цветин самоиницијативно направи изложба во чест на Ѓорги Ѓоргиевски, Ѓе. Ѓе., а, стиховите на "Цветни градини", објавени во "Колибри" во 2000 година, ги врами во колоритен венец од нацртани цвеќиња.

Неговата прва книга "Македонијо, гордост моја" беше промовирана на 19 декември 2020, на денот кога се славеа 99 години од раѓањето на Блаже Конески, и во пресрет на годишнина од раѓањето на Кочо Рацин, 22 декември, но и во годината кога се славеа 100 години од раѓањето на Славко Јаневски. 

"Македонијо, гордост моја!" е прва книга на Ѓорги Ѓоргиевски, на негова голема чест објавена во година кога се славеше и 1000 години од основањето на духовниот храм на Македонците, Свети Јован Бигорски. Официјално е објавена на Свети Јован, Сврти Јон, 20 Јануари 2021 година.