Географија на Полска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Географски координати: 52°00′N 20°00′E / 52.000° СГШ; 20.000° ИГД / 52.000; 20.000

Полска е држава во Средна Европа.

Граници[уреди | уреди извор]

Вкупната површина на земјата изнесува 312.679 км2 , и според тоа се наоѓа на 69 место по големина во светот. Граничи со Германија на запад, Чешка и Словачка на југ, Украина и Белорусија на исток и Балтичкото Море, Литванија и Русија на север.

Главниот град Варшава е најголемиот во државата со околу 1 600 000 жители.

Хидрографија[уреди | уреди извор]

Целата територија на Полска припаѓа на Балтичко Море, каде течат големите реки Висла (Wisla, 1047 км), со притоките Сана (444 км) и Буг (803 км), Одра (854 км, во Полска 742 км) итн. Во северниот дел има голем број леднички езера (Поморје, Мазурија) од кои најголеми со Сњардви (114 км^2) и Мамри (104 км^2). Реките имаат мал пад, а поради тешката индустрија се многу загадени.

Почви и растителност[уреди | уреди извор]

Во с. дел преовладуваат помалку плодни подзоли, глеи и тресетни почви, на Ј поплодна кафеава шумска почва, а на прапорот деградирана црница. Листопадните шуми во рамнините (борски даб, бука, бреза, црн габер) во голема мера се исечени, освен во плавните рамнини покрај некои реки (на пр. во Бјаловјешкиот национален парк). На моренските насипи и песочните области преовладува обичен бор (Pinus Silvestris) и бреза. На Карпатите до 1100 м има мешана шума од бука и ела, а над неа сè до 1800 м смрека. Шумите покриваат 29% од површиината.

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот, вкупното население на Полска е околу 38.116.000 жители. Густината на населеноста е 122 км2 жители на квадратен километар.

За време на Втората светска војна и по неа Полска доживеала многу големи демографски промени. Во војната изгубила 6,5 мил. луѓе (22% од населението). Во 1939 г. во државата живееле 36% неполски жители (Германци, Белоруси, Украинци, Летонци, Евреи). За време на војната и по неа побегнале или биле протерани околу 2,5 мил. Германци од некогашните гермнански територии на запад (Поморје, Шлеска) и од И. Прусија. По војната од советските области на исток се населиле 1,5 мил. Полјаци, и тоа на некогашните гермнаски подрачја, а од Франција, Белгија и Рур се вратиле уште околу 200.000 полски иселеници. Меѓу 1939 и 1946 г. бројот на населението се намалил од 34,8 мил. (1939 г.) на 23,9 мил (1946 г.), т.е. за 31%, така што предвоениот број на жители Полска го достигнала дури во 80-тите години на 20 век.

Според националната припадност населението е многу хомогено, 97% од вкупното население се Полјаци. Тука се вбројуваат и припадниците на некои главно асимилирани етнички групи кои повторно го оживуваат својот етнички идентитет (Кашуби, Словинци, Кујавци). Помали групи неполско население се зачувале само покрај и. граница и во Шлеска, на пр. околу 230.000 Украинци, околу 200.000 Белоруси, околу 500.000 Германци, и малку Словаци, Роми и Литванци.

По Втората светска војна во Шлеска останале околу 1 мил. некогашни германски државјани кои се определиле за полско државјанство. По средувањето на германско-полските односи во 80-тите на 20 век поголем дел од нив се иселиле во Сојузна Република Германија. Во странство живеат околу 9,5 мил. полски иселеници, најмногу во САД (6,5 мил.), Франција (750.000), Бразил (450.000) и во Германија (301.000, работници на привремена работа).

Поголемиот дел од населението се католици (91%), во и. делови на Полска живеат и православни христијани (околу 550.000), а околу 8% од населението не се верски определени. Католичката црква со столетија била еден од столбовите на националниот идентитет, а и во социјалистичкиот период не го изгубила тоа значење. На 23.5.1989 г. државата повторно ја признала верската слобода и јавното дејствување на Католичката црква и им ги вратила одземените имоти.

Населеност[уреди | уреди извор]

Полска е многу нерамномерно населена; најгусто населени се стопански најразвиените војводства на Ј (Катовице, Краков), Варшава со околината и Лоѓ со околината, а најретко војводствата на С и И. По Втората светска војна дошло до голема преселба од село во град што предизвикало недостиг на работна рака и стареење на жителите на село, како и голем недостиг на станбен простор и тешкотии во снабдувањето во градовите (1970 г.: 52,3% градско население, 1987 г.: 60,9%). Поголемиот број од 40.000 села имаат од 100 до 500 жители.

Клима[уреди | уреди извор]

Полската територија се протега на неколки географски региони. На северозапад се наоѓа балтичкото крајбрежје. Ова крајбрежје е богато со неколку езера и дини. Централниот дел на Полска зазема дел од Северноевропската Низина. Тука се наоѓаат комплекси на езера меѓу кои: Померанско Езеро, Големо Полско Езеро и Кашупско Езеро. На југот на земјата се наоѓа планинскиот дел од Полска, меѓу кои се наоѓаат Карпатите и Татрите.

Климата во Полска е умерена, и преоѓа во континентална во источниот и југоисточниот дел од државата. Летата се умерено топли со средна температура од 16 и 19 °C. Зимите се студени со средна температура од 0 °C на северозапад, до −5 °C на југоисток.

Поврзано[уреди | уреди извор]