Приватизација

Од Википедија — слободната енциклопедија

Приватизацијата претставува процес на пренесување на сопственоста од јавна (државна) во приватна сопственост.

Историја[уреди | уреди извор]

Приватизацијата има долга историја. На пример, во 1492 година, шпанската кралица Изабела и кралот Фердинанд Арагонски изнајмиле приватни поморци за да го пронајдат морскиот пат до Индија. Сепак, најголемиот бран на приватизацијата настапил во 1980-тите и во 1990-тите години. На пример, од 1988 до 1993 година биле приватизирани 2 700 државни претпријатија во 95 земји во вредност од 271 милијарда долари при што овде не е земена предвид приватизацијата преку ваучери. Најголемо учество во овие зделки имала приватизацијата во Латинска Америка (57%).Исто така, од 1992 година, само во Русија биле приватизирани 75 000 мали и 14 000 средни и големи претпријатија. Во истиот период, неколку десетини илјади претпријатија биле приватизирани во Источна Европа.[1]

Предности и недостатоци на приватизацијата[уреди | уреди извор]

Државите спроведуваат приватизација поради различни причини: Една цел е да се зголеми ефикасноста на дотогашните државни претпријатија. На пример, според еден извештај на Меѓународната финансиска корпорација, 67% од претпријатијата кои биле приватизирани со нејзино посредување покажале добра профитабилност, додека само 29% од нив се одликувале со добра профитабилност додека биле во државна сопственост. Друга цел е државата да оствари буџетски приходи од продажбата на јавните претпријатија. Во неразвиените земји, со приватизацијата се настојува да се заживее пазарот на капитал. Од друга страна, приватизацијата може да има и негативни последици, како што е масовното отпуштање на работниците во приватизираниет претпријатија.[2]

Модели на приватизација[уреди | уреди извор]

Постојат повеќе форми на приватизација. На пример, приватизацијата може да се спроведе преку денационализација, односно кога државата се ослободува од претпријатијата кои дотогаш биел во нејзина сопственост (на пример, пристаништа, рафинерии, рудници итн.). Друг облик на приватизација е кога државата склучува договор со приватни фирми за извршување на некои активности кои дотогаш ги извршувала таа (на пример, собирање на отпадот, снабдување со топлинска енергија итн.). Понатаму, вообичаена форма на приватизација е давањето субвенции на луѓето и на претпријатијата за да купуваат производи од приватни претпријатија. Таков е случајот со прехранбените маркички во САД, кои владата им ги доделува на сиромашните луѓе. Притоа, наместо државата да основа сопствени продавници, таа им дава вредносни бонови на сиромашните, кои со нив купуваат храна во приватните продавници. Посреден начин на приватизација е кога приватниот сектор во земјата расте побрзо од јавниот така што со текот на времето поголемиот дел од економијата станува приватна. На пример, таков е случајот со Кина, каде со текот на времето се зголемува учеството на приватниот сектор во вкупната економската активност.[3]

Поважни модели на приватизација се:

  • Продажбата е најпознат и најстар модел на приватизација кој подразбира продавање на државното претпријатие на приватни лица. Тоа може да се направи преку продавање на акциите на претпријатието на берза или преку продавање на целото претпријатие (или на негов дел) на стратешки инвеститор по пат на аукција. Од земјите во транзиција, приватизацијата преку продажба најмногу ја користеа Германија (за источно-германската економија), Унгарија и Естонија.
  • Ваучерската приватизација подразбира бесплатна поделба на специјални приватизациски пари (ваучери) на граѓаните, кои со нив купуваат акции во претпријатијата. Ваучерите обично се доделуваат според работниот стаж, возраста и друго. Најпознати ваучерски приватизации се чешката (и словачката) и руската, а ваквата приватизација делумно се користеше и во Полска, Литванија, Латвија, Словенија, Ерменија, Казахстан и Киргистан. Овој вид најчесто се спроведува со цел приватизацијата да се заврши што побрзо. На пример, во Чешката Република, од 1991 до 1995 година, на овој начин биле приватизирани над 1 700 претпријатија при што 3/4 од чешкото население станало акционери во приватизираните претпријатија. Слично, со ваучерската приватизација, 40 милиони Руси станале акционери во над 15 000 средни и големи претпријатија.[4]
  • Акционерство на вработените подразбира значителни попусти на цената на акциите (или делумно бесплатна поделба) на менаџерите и/или вработените во претпријатието што се приватизира. Овој модел беше особено популарен на подрачјето на поранешна Југославија, како политички најбезболен начин на премин на самоуправната во приватна сопственост. Неа ја применуваа Словенија, Хрватска, Србија и Македонија.


Поврзано[уреди | уреди извор]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Наум Гризо, Борче Давитковски, „Приватизацијата во светот“, Куманово, 1994.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 15.
  2. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 15.
  3. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 14.
  4. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 13 и 16.