Приказни за занаетите

Од Википедија — слободната енциклопедија

Приказни за занаетите (српски: Приче о занатима) е збирка раскази на српскиот писател Бора Ќосиќ, првобитно објавена во 1966 година, како издание на „Нолит“ од Белград.

Содржина[уреди | уреди извор]

Книгата се состои од 27 раскази: „Фудбал на крајот на војната“, „Русите во вид на занает“, „Занает за пофалба, барапски“, „Кратка повест за пливачката вештина, во времето воено“, „За големиот занает, швалерски“, „За здрајето и лечењето“, „За глумечката уметност во невозможни услови“, „Ние и електричарите“, „Како нè фриизраа“, „Во чест на трговските помошници“, „Како го запознавме занаетот лудачки“, „Во името на шустерската вештина“, „Нашите плетачки“, „За обновената месарска вештина“, „Како го исфрлавме отпадот“, „Шинтерска“, „Вештини со помош на дрва“, „За славниот народ, келнерски“, „За уметноста на бојадосувањето“, „За готвачката вештина“, „Шнајдерска“, „Занаетот свечарски во новите услови“, „Невообичаен занает, волшебнички“, „Како ги поправаа нашите клавири“, „Во изградба на кино-култура“, „За несериозната работа, училишна“ и „Уште еден занает, можеби најважен“. Подоцна, на 29 септември 1995 година, во Берлин, Ќосиќ додал уште еден прозен текст кон збирката, со наслов: „Сега“.[1]

Привидно опишувајќи разни занаети, авторот го опишува секојдневниот живот на едно белградско семејство за време на Втората светска војна и во првите години по неа. Семејството го сочинуваат таткото, мајката, детето, вујкото, дедото и двете тетки, а главниот лик е детето (авторот), кое раскажува за семејните и општествените настани. Семејството не работи ништо конкретно, освен „што го живее животот“, мачејќи се со сиромаштијата. Притоа, мајката постојано се жали поради бројните домашни работи, таткото е алкохоличар, вујкото го интересираат само жените, додека двете немажени тетки живеат во својот свет исполнет со романтични соништа и фантазии. Во книгата се појавува и серија други, споредни ликови, како детето-сезнајко Воја Блоша, партизанскиот офицер Вацулиќ, другарот Абас, комшивката Даросава, партискиот секретар Симо Тепчија итн.[2]

Осврт кон книгата[уреди | уреди извор]

Збирката се смета за ремек-дело на српската книжевност, волшебен уметнички експеримент и едно од најоригиналните дела што ја одбележале српката книжевност по Втората светска војна.[3] Во неа, Ќосиќ се интересира за „сеопштото богатство и хаосот на човечкиот живот“ и за „единката како симбол што живее“. Притоа, според Милица Николиќ, смеата се јавува како најзначајната внатрешна содржина на прозата на Ќосиќ; внатрешните закони на смеата се репродуцирани во самата форма на раскажувањето, а смеата е творечки принцип на раскажувачката постапка. Притоа, улогата на хуморот во делото е повеќекратна: тој објаснува, коментира, толкува, ги регулира ритамот на раскажувањето и неговата тензија, го прави раскажаното збиено, крие или нуди порака, ги вообличува ликовите, се надополнува со вербалната игра, ја разгорува поетската фантазија, ги провоцира говорните можности, го конципира жанрот и ја вообличува сатирата.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Бора Ћосић, Приче о занатима – Улога моје породице у светској револуцији. Београд: ЛОМ, 2010, стр. 7-119.
  2. Бора Ћосић, Приче о занатима – Улога моје породице у светској револуцији. Београд: ЛОМ, 2010.
  3. Бора Ћосић, Приче о занатима – Улога моје породице у светској револуцији. Београд: ЛОМ, 2010.
  4. Бора Ћосић, Приче о занатима – Улога моје породице у светској револуцији. Београд: ЛОМ, 2010, стр. 214.