Работничко самоуправување

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Самоуправување)
Втор конгрес на Самоуправувачите во Сараево во 1971 година

Работничко самоуправување бил систем на управување со претпријатијата и другите установи во ФНРЈ (подоцна и СФРЈ) од страна на самите вработени.

Во комунистичките економии управувањето и планирањето на економијата не се одвивало според пазарни услови и со потполна автономија на економските субјекти, туку напротив, преку централизирано планирање и управување со секој деловен субјект посебно од страна на централната администрација. Ваквиот начин на управување со економијата се покажал како гломазен и неефикасен, особено во постарите комунистички општества, како СССР. Системот на работничкото самоуправување бил воведен од страна на комунистичкото раковоство на ФНРЈ со цел да се подобри ефикасноста на економијата.

На 26 јуни 1950. година бил донесен Закон за работничко управување, со кој управувањето на деловните субјекти (претпријатијата), а од 1952 и на установите, било пренесено на работничките совети.

Замената на административниот со самоуправниот систем се одвивала постапно и во неколку правци: 1) преку воспоставување на органите на работничкото самоуправување, кои постепено преземале се' повеќе функции; 2) преку постепено намалување на функциите на државните органи и укинување на некои од нив и 3) децентрализирање на надлежностите на државните органи, односно пренесување на некои функции од повисоките на пониските државни, републички па и локални органи.

Работничкото самоуправување во почетокот вовело ентузијазам кај работниците и позитивни економски ефекти, но подоцна се изобличило и станало инструмент на комунистите за наметнување на својата власт во управувањето со економијата, што конечно довело до економски колапс на економијата на СФРЈ.

Работничкото самоуправување било единствен пример во светската економска пракса кајшто сите економски субјекти во државата биле управувани од работниците и поради тоа било привлечно за теориски проучувања.

Економската теорија како еден од проблемите кои постојат при работничо самоуправување го посочува ефектот на "бесплатно возење", односно тоа што некои работници може и да не придонесуваат доволно а да бидат исто наградени поради фактот што имаат дел од сопственоста.