Сварог

Од Википедија — слободната енциклопедија

Прабогот на старите Словени бил познат под името Сварог. Неговото друго име, веројатно, е Род. Во Хрониката на Хемолд е запишано:

Сварог
Меѓу разните богови на кои им се припишува власт над полињата, шумите, над тагите и веселбите, тие (Словените) не одрекуваат дека еден бог заповеда одозгора, од небото над сите останати. Тој семоќен бог се занимава само со небесните работи. Сите останати имаат посебно занимање и работа, та нему му се покоруваат. Тие произлегуваат од неговата крв и важни се онолку колку што се блиску до овој бог на боговите[1].

Неговото име не е споменато, но јасно е дека не станува збор за Перун. Треба да се земат предвид и зборовите на хроничарот Нестор, во врска со договорите меѓу Русите и Византијците од 945 и 947 година. Таму се вели:

„Оние Руси-христијани што ќе го прекршат овој договор, да бидат казнети од семоќниот Бог, а оние што не се крстени, да бидат лишени од секоја помош од Бога и Перуна.“

Очигледно е дека Русите се колнеле во еден бог што е поставен пред Перун. Кое е името на тој безимен бог? Според Ипатиевскиот летопис од 11 век, името на тој бог е Сварог. Тој е татко на Сонцето-цар, Дажбог. Етимологијата на Свароговото име е утврдена и неговиот корен го наоѓаме во санскритскиот збор за небо - svarga. Буквално, Сварог значи `небесен`[2].

Сварог во христијанството[уреди | уреди извор]

Иако во скриена и замаглена форма, остатоци од Свароговиот култ се задржани до денешен ден кај сите словенски народи. Обично се смета дека, барем во некоја мера, тој 'преживеал` во народното сфаќање за христијанскиот Господ Бог. Познато е дека кај Источните Словени, неговите функции се пренесени на Свети Кузмодемјан, кој претставува народен спој од имињата на христијанските светци Козма и Дамјан. Таму Свети Кузмодемјан се јавува и како заштитник на бракот. Понекогаш во песните се спомнува и под името Свети Кузма. Академик Борис Рибаков во својата книга "Јазичеството на древните Словени" дава интересни примери на делови од свадбените песни кај Источните Словени.

Особено се интригантни стиховите како:

Свети Кузма-баќушка, боже мој, боже мој; Пречиста Мајчице, заиграј ни на свадба!

Ти свети Боже, Кузмодемјан, дојди ни на свадба нам, со своите апостоли.

Занимливо е како во своите обредни песни, народот овој светец го ословувал и како бог. Тој е ставен во ист ред и со Пречистата Мајчица (очигледно - Богородица), а израмнет е и со Исус Христос, така што тој, а не Исус, е повикан да дојде со своите апостоли. Тој е повикуван и да ја 'скове` (направи) свадбата, со што се потврдува и како покровител на ковачкиот занает и бракот. Видливи остатоци од култот кон неговиот син Сварожич останале и до денешен ден и тоа во прилично жива форма. Тоа, пред сѐ, се однесува на празнувањето на Божик и палењето големи коледарски огнови, ако се знае дека во источнословенските записи, Сварожич се јавува како и како бог на огнот. Воочлива е и паралелата Бог-Божиќ, Сварог-Сварожич, а се претпоставува дека и самото име на празникот Божик (Божиќ, Божич) има претхристијанско потекло. Драгоцени податоци имаме и од фолклорните материјали собрани во 19 век, каде што наоѓаме и божикни песни, во кои се говори за раѓањето на 'Бела Бога', што асоцира на Белобог, едно од имињата на богот на светлината и огнот. Со името на Сварог се поврзани некои наоѓалишта, кои зборуваат за неговиот култ. Такви се, на пример, Сварожин и Сваришево во Полска. Како единствен на Балканот, го среќаваме топонимот Сварог во бугарското село Ракита, Брезнишко[3]. Станува збор за една височинка покрај река.

Сварожиќ[уреди | уреди извор]

Сварожиќ според повеќето извори бил бог на сонцето, персонификација на огнот, а некаде и бог на ветриштата. Според старите извори Словените му се молеле на огнот именувајќи го со името Сварожиќ. Деминутивниот облик веројатно следел по верувањата дека е тој син на Сварог, за што кај Русите постојат и пишани податоци. Кај Јужните Словени името на Сварог се задржало во некои коледарски божиќни песни каде во прославите на раѓањето на новото сонце дошло до блага идентификација на Сварожиќ и раѓањето на малиот христијански бог[1] Меѓу словенските народи се појавува и идентификација помеѓу Сварожиќ и Дажбог, но и можноста и двата да се синовите на Сварог.

Литература[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Издавачки центар Три, Скопје, 2004, стр.216.
  2. Нина Анастасова - Шкрињарич, Словенски пантеон, Менора, Скопје, 2004, стр,164-166
  3. Танас Вражиновски,Речник на народната митологија на Македонците, Матица Македонска, Скопје,2000, стр. 259