Семеен човек

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Семеен човек“ е расказ на рускиот и советскиот писател Михаил Шолохов од 1925 година. Расказот е објавен на македонски јазик, во превод на Цветко Мартиновски, како дел од збирката „Донски раскази“, објавена во 1965 година од издавачката куќа Култура.

Содржина[уреди | уреди извор]

Еден демобилизиран војник сака да ја премине реката Дон во едно село. Притоа, силната водена струја го занесува чамецот во потопените врби, така што тој и сплаварот Микишара мора да ја поминат ноќта на гранките од една врба. Тогаш, сплаварот започнува да ја раскажува својата приказна:

Тој се оженил многу млад, а жената му умрела при раѓањето на деветтото дете. Најстариот син се викал Иван, додека вториот син, Данила, му бил најмил. Кога му дошло времето, Иван се оженил и добил син, а и Данила бил зрел за женење. Тогаш, во селото се кренало востание против советската власт, а Иван и Данила им се придружиле на болшевиците. Нивниот татко, кој останал да се грижи за седумте малолетни деца, бил присилно мобилизиран во војската на Козаците. Околу Велигден, во селото донеле деветмина заробени војници на Црвената армија, меѓу кои и Данила. Тогаш, Микишара бил присилен да го тепа својот заробен син, зашто во спротивно, Козаците му се заканиле дека ќе го убијат него. Така, за да остане жив и да продолжи да се грижи за своите седум деца, тој почнал да го тепа синот, кого подоцна го убиле Козаците. Подоцна, во една борба крај градот Балашов бил заробен и неговиот најстар син Иван, а на Микишара му наредиле да го однесе заробениот Иван во штабот на полкот. Кога стигнале на половина пат, Микишара го пуштил синот да бега, но кога тој се оддалечил малку, го убил. Додека Иван умирал, татко му се правдал дека морал да го убие за да остане жив и да продолжи да се грижи за децата.

Така, Микишара ја завршува својата приказна, признавајќи му на сопатникот дека оттогаш никако не може да се ослободи од вината дека ги убил своите двајца сина.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Семеен човек“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 42-50.